Адријано: Во Италија беше депресивно, а во фавелите се чувствувам најсреќно

Пензионираниот бразилски фудбалер Адријано уште е актуелен, но не поради фудбалот, туку поради неговиот начин на живот. Адријано имаше квалитетна фудбалска кариера, а најголемиот блесок го имаше кога настапуваше во Интер. Има и 48 настапи во бразилската репрезентација, а откако ја заврши кариерата, се врати да живее во сиромашниот кварт Вила Крузеиро во родниот град Рио де Жанеиро.

Адријано признава дека е алкохоличар, но и дека тоа е начинот на живот кој тој сака да го живее.

„Не се дрогирам како што сакаат некои да прикажат. Не сум дел од никаков криминал. Не сакам да излегувам по дискотеки. Секогаш одам на исто место во својот кварт, а тоа е киоскот Нана. Ако сакате да ме најдете, дојдете таму. Пијам речиси секој ден. Како човек каков што сум јас дојде до тоа да пие секој ден? Затоа што јас сум ветување кое никогаш не се исполнило. Ме викаа Цар. Може ли да замислите? Дечко кој си заминал од фавела во Бразил, доаѓа во Европа и го викаат Цар. Не знам како да го објаснам тоа. Очигледно дека некои работи ги правев добро. Многу луѓе не може да разберат зошто ја напуштив славата и се вратив во фавелата за да можам да пијам. Тоа е одлука која тешко се објаснува“, вели Адријано.

Иако од професионален аспект играњето во Интер му донесе најголема популарност, Адријано открива дека не бил среќен.

„Кога дојдов во Интер, за Божиќ бев сам во својот стан. Во Италија е депресивно кога ќе дојдат ладните месеци. Надвор е мокро, многу е студено и брзо се стемнува. Бев носталгичен и се чувствував како гом*о. За среќа, Кларенс Сидорф беше вистински пријател. Тој и неговата сопруга направија вечера и ги повикаа пријателите, меѓу кои бев и јас. Кај него секогаш имало прослави на високо ниво. Но, јас само сакав да бидам во Рио. Секогаш им се јавував на моите во Рио и кога ќе слушнев дека таму се веселат, почнував да плачам. Многу бев тажен, земав шише вотка и почнував да пијам. Сепак, знаев дека во Милано бев со цел. Господ ми дал шанса да го подобрам животот на моето семејство. Еднаш се случи да избегам од Интер и дојдов во фавелите. Мислеа дека сум киднапиран, никој не можеше да ме најде каде сум. Не можев да го поднесам животот во Италија. Секаде камери, постојано ме следеа и ме снимаа. Не се вратив во фавелите поради алкохолот, жените или дрогата. Тука се чувствувам слободен. Сакам да живеам како секој нормален човек. Сакам мир, тишина. Во фавелите секогаш најмногу ме ценеле, тука научив што е заедница. Вила Крузеиро не е најдоброто место во светот, но тоа е мое место“, објасни Адријано за својата одука да се врати да живее во сиромашното маало од кое потекнува.

- Оглас -

Најнови вести