Африканска егзотика – Египет и Зимбабве на стартната линија, почнува Купот на нации

Африка е во исчекување на најзначајниот спортски настан на континентот, фудбалската трка за пехарот што ќе го добие најдобрата селекција на Купот на нациите, што почнува вечерва во Каиро, со дуелот меѓу домаќинот Египет и Зимбабве.

Како и секогаш, пред сè ќе има егзотика, невообичаени ритуали и на терен и особено на трибините, единствени по многу елементи во светот на фудбалот. Ќе гледаме репрезентации со уникатни прекари, а на терените во четири града во Египет ќе трчаат фараони, нескротливи лавови, слонови, црни ѕвезди, пустински лисици и уште дваесеттина селекции со различни и многу интересни симболи за своите фудбалски состави.

За првпат ќе се игра во формат со 24 репрезентации, а според имињата, ова ќе биде историски настан за континентот и сигурно најсилниот Куп на нации во Африка.

Египет по рекорден седми пат ќе биде домаќин на турнирот на најдобрите фудбалски селекции на најсиромашниот континент, но секако не е фудбалски бидејќи Африка веќе има и репрезентации и играчи што се вистински фудбалски ѕвезди, пред сè во Европа.

Имињата на Мо Салах, Садио Мане, Ријад Марез, Хаким Зијеш, Николас Пепе, Седрик Бакамбу, Андре Ају, Наби Кејта, Вилфрид Заха, Алекс Ивоби, Калиду Кулибали и уште дузина многу познати и прекалени играчи што се главни адути и на европските гиганти ветуваат возбудлив турнир.

Двете најдобропласирани селекции од сите шест групи и плус четири најдоброрангирани репрезентациии што ќе го освојат третото место ќе играат во осминафиналето.

Египет е рекордер со седум трофеи, а круната ќе ја брани Камерун.

Интересни факти за Африканскиот куп на нации:

  1. Камерун се откажа од организација на турнирот поради безбедносни причини, па Египет доби шанса по рекорден петти пат да биде домаќин на најдобрите селекции од Африка.
  2. Купот досега се играше во јануари, но од ова издание ќе се игра во јуни и јули, а имаше и второ поместување поради рамазанските пости и наместо од 15 јуни до 13 јули, ќе се игра од денеска до 19. јули.
  3. Амбасадори на ова издание на АФКОН ќе бидат поранешните фудбалски ѕвезди Дидие Дрогба, Самуел Ето, Рабах Маџер, Јаја Туре, Нванкво Кану, Ел Хаџи Диуф и Махмуд Ел Хатиб.
  4. Шампионот ќе добие парична награда од 4,5 милиони долари, највисока досега, а за поразениот во финалето бонусот е 2,5 милиони долари.
  5. Детето „Тут“ инспирирано од египетскиот фараон Тутанкамон е маскота на турнирот.
  6. Ќе се игра на шест стадиони во четири градови во Египет. Каиро, Александрија, Суез и Исмаилија ќе бидат домаќини со свои стадиони, од кои три се во главниот град.
  7. Првото издание на турнирот беше само со три селекции. Египет ги победи Судан и Етиопија и го освои првиот пехар. Јужна Африка поради политиката на Апартхејдот и инсистирањето да играат само играчи од белата раса беше исклучена од турнирот.
  8. Дебитанти има три, а за првпат ќе играат Мавританија, Мадагаскар и Бурунди.
  9. Пехарот трипати се менуваше, а има и неколку селекции, како Египет, Гана, Камерун, што го имаат освоено три или повеќе пати и го имаат претходно добиено во трајна сопственост.
  10. Дури 14 различни држави го освојувале трофејот на Купот на африканските нации, а рекордер е Египет со 7 пехари. Камерун, кој е актуелен бранител на титулата, петпати беше победник, следи Гана со 4 круни, по неа е Нигерија со три, па Брегот на Слоновата Коска и Демократска Република Конго со по две, а по еднаш шампиони беа Замбија, Тунис, Мароко, Алжир, Судан, Етиопија, Јужна Африка и Конго.

 

- Оглас -

Најнови вести