Агим Ибраими: Пандев е уникат, чест ми е што играв со него

Агим Ибраими и Горан Пандев одиграа доста мечеви заедно во репрезентацијата, вечерва против Летонија, за жал, нема да бидат еден до друг на теренот, но еден од најголемите џентлмени во нашиот фудбал не го заборави капитенот и неговиот јубилеј, стоти меч за Македонија.

„Горан Пандев е уникат и вистински македонски фудбалски симбол за успех. Секогаш уживав играјќи покрај него, некако заедно ги градевме своите кариери во странство и верувам дека повторно ќе играме заедно за националниот тим. Му честитам на јубилејот и му посакувам уште многу успеси. Ми е жал само што некако повеќе нè ценат во странство, во средините во кои игравме или играме, отколку тука во Македонија. Пандев заслужува полн стадион вечерва против Летонија за да се одбележи еден прекрасен јубилеј“, вели Ибраими за „Спорт Манија“.

Агим на некој начин е пандан на Пандев, играше во Лигата на шампионите и во Лигата на Европа со Марибор, изгради одлична кариера, одигра 39 мечеви за Македонија и постигна 7 голови.

Во зимскиот преоден рок се врати во матичниот клуб Шкендија и се надева дека ќе успее да се наметне повторно кај селекторот Игор Ангеловски и повторно во тандем со Пандев и со останатите репрезентативци да помогне Македонија конечно да се најде на големо фудбалско натпреварување.

 

- Оглас -

Најнови вести