Екипата на Ајнтрахт Франкфурт е освојувач на трофејот во Лигата на Европа откако по голема драма, дури по подобро изведување на пенали го победи Глазгов ренџерс. По регуларниот дел, резултатот беше 1:1, немаше промени ни по дополнителните 30 минути игра, па мораше да се изведуваат пенали за да се дознае победникот.
ЕДИНСТВЕНО РАМЗИ ПРОМАШИ
Во пенал-рулетот, Таверние прв погоди за Ренџерс, а Ленц израмни на 1:1. Во втората серија Дејвис беше сигурен за Ренџерс, додека кај Ајнтрахт прецизен беше Хруштиќ. Канадскиот репрезентативец Скот Арфилд погоди за 3:2 за Ренџерс, а Камада израмни на 3:3.
Во четвртата серија еден од најискусните, Арон Ремзи, шутираше, а Кевин Трап одбрани. Костиќ погоди за Ајнтрахт и германскиот тим поведе со 4:3. Руф погоди за 4:4, а Боре погоди за 5:4 за Ајнтрахт и прв европски трофеј за овој германски клуб по пауза од цели 42 години.
РЕНЏЕРС ПРВ ДАДЕ ГОЛ, НО МАЛКУ ТРАЕШЕ РАДОСТА ЗА ШКОТИТЕ
Во регуларниот дел, во првото полувреме двете екипи делуваа порезервирано и немаше многу возбудувања, но вториот дел беше многу поинтересен. Навивачите на Ренџерс први се израдуваа откако Арибо погоди за водство на шкотскиот клуб во 58-мата минута.
Предноста на Ренџерс траеше едвај 12 минути. Ајнтрахт израмни по одличната асистенција на Костиќ, која во погодок ја претвори Боре за 1:1.
До крајот на регуларните 90 минути немаше промена на резултатот и мораше да се играат дополнителни 30 минути. Ренџерс ја имаше најдобрата шанса за втор гол, кога Кент во 119-тата минута само од неколку метри на неверојатен начин погоди директно во ногата на голманот Кевин Трап, па пенал-рулетот реши дека победник ќе биде Ајнтрахт Франкфурт.