Не ви се причинува: Телевизиските преноси од САД изгледаат „чудно“

Ако сте гледале натпревари од САД и сте имале чувство дека телевизиската слика изгледа поинаку од европските преноси, не сте единствени. И не станува збор само за впечаток. Комбинацијата од стара телевизиска технологија, американски продукциски навики и архитектурата на стадионите навистина го менува начинот на кој ја доживуваме играта.

Првата причина лежи во наследството на старите телевизиски стандарди. Европа со децении функционираше во систем од 50 Hz, додека американската телевизија се развиваше со стандард поврзан со 60 Hz. Иако денес повеќе не се користат старите ПАЛ и НТСЦ стандарди како некогаш, разликата меѓу 50 и 60 Hz сè уште е присутна во продукцијата и емитувањето.

Кога американскиот сигнал се прилагодува за европските екрани, може да се појави поинакво чувство на движење, суптилни трзања или заматување на сликата, што на гледачите им создава впечаток дека преносот изгледа „американски“.

Втората причина се боите. Американските спортски преноси често користат поизразен контраст, посилна заситеност на боите и визуелно поагресивна слика. Поради тоа тревникот понекогаш изгледа неприродно зелен, а дресовите посветли и поостри отколку во европските преноси, каде што сликата најчесто е поприродна и помирна.

Третата, а можеби и најважната причина, се стадионите. Голем дел од фудбалските натпревари во САД се играат на стадиони првично изградени за американски фудбал. На таквите објекти главните телевизиски камери најчесто се поставени повисоко и под пострмен агол отколку на класичните европски фудбалски стадиони.

Поради тоа теренот изгледа „сплескан“, играчите делуваат помали, а чувството за длабочина и простор на теренот е значително поинакво.

Затоа фудбалот од Америка понекогаш изгледа како ист спорт, но гледан низ сосема поинаков објектив.

- Оглас -

Најнови вести