Ако беше сè нормално, Ливерпул денеска ќе славеше титула

Ливерпул е тимот кој сезонава доминираше како ниту еден друг клуб во домашното првенство. Клубот кој 30 години чека титула во англискиот шампионат, сруши голем број на рекорди благодарение на феноменалната игра. Во 29 одиграни меча, играчите на Јирген Клоп се радуваа на 27 победи, еднаш ремизираа, а еден меч го загубија, па не чуди предноста од 25 бода пред второпласираниот Манчестер сити.

Како од соништата беше сезоната на Ливерпул, се до појавувањето на пандемијата со Коронавирусот. Поради опасниот вирус беше прекинато првенството во Премиер лигата и останува неизвесноста дали и кога ќе продолжи. Во Англија потврдија дека Ливерпул нема да ја добие титулата, доколку не се одиграат и преостанатите мечеви. Првенството би требало да продолжи на почетокот на мај.

Доколку немаше прекин на шампионатот, Ливерпул минатата недела требаше да игра против градскиот ривал Евертон на гости, а за денеска ќе беше закажан мечот против Кристал Палас на „Енфилд роуд“. Токму овој натпревар беше посочен како многу веројатен на кој Ливерпул ќе ја слави титулата. Тоа е така затоа што на лидерот му беа потребни само уште шест бода за и официјално да биде крунисан во шампион на Англија.

Досега никогаш не се случило првакот во Англија да се знае во март, а поради пандемијата, Ливерпул испушти историска можност. Сега сите навивачи на актуелниот европски првак само очекуваат првенството да продолжи за да може нивниот омилен тим да стигне до трофејот кој го чекаат цели три децении.

- Оглас -

Најнови вести