Ако сакаме на ЕП, не смее да се плашиме од Полска и Австрија како да се Бразил и Германија

Од еуфорија по победата од 2:1 по дуелот против Словенија, до разочарување по завршување на синоќешната средба против Полска на гости и поразот од 2:0. Така, во една реченица може да се објасни ситуацијата во македонската фудбалска репрезентација по двете одиграни средби во септемврискиот квалификациски циклус за пласман на Европското првенство во 2020 година.

По овие два меча, Македонија скокна една позиција на табелата, но сепак тоа не ја сочува надежта дека преку квалификациите Македонија може да стигне до една од првите две позиции во групата кои водат на континенталниот собир. Теоријата уште постои, а таа вели дека Македонија треба да ја победи Австрија на гости, а потоа и Израел дома, а Австријците освен тоа што треба да загубат на свој терен од Македонија, потоа треба да бидат поразени и на гости од Летонија, која досеага има седум порази во седум меча и 24 примени гола.Теоретски шансата е таа, но практично едноставно НЕ ПОСТОИ.

ЗА ДА ПОКАЖЕМЕ ДЕКА СМЕ ЗА НА ЕП, МОРА ДА СЕ ПОБЕДИ СЕЛЕКЦИЈА КОЈА Е ВО РАНГОТ НА ФАВОРИТИТЕ 

Како и по секој пораз, селектори се сите и сите имаат мерак да објаснуваат за тоа каде погрешивме и што треба да смениме во играта. Тактичката поставеност и изборот на играчите го оставаме на селекторот Игор Ангеловски. Сепак, едно што не може, а да не забележиме е тоа дека Македонија против двата главни фаворити во групата (Полска и Австрија) во три меча не освои ниту еден бод, а така не се оди на ЕП.

Често знаеме да се тешиме со тоа „сами се победивме“, „не беа ништо подобри, ама имаа среќа“ и уште неколку други реплики кои станаа стандардни кога играме со поквалитетен ривал. Едноставно е. Кога играме против вакви селекции, никако не успеваме да не им се плашиме, како да се Бразил или Германија.

Ниту Австрија, ниту Полска не се во кремот на европскиот фудбал, но за нас делуваат како да се неколку класи подобри и тие си ја завршуваа мисијата против Македонија. На Полска не ѝ дадовме ниеден гол во два меча, а Австрија во Скопје нѐ растури со 4:1. Синоќа Полска имаше поддршка од 50.000 фанови и во последните 15-тина минути го скрши отпорот на нашите фудбалери. Сепак, на крајот не е битно кога биле постигнати головите, битно е дека Полска постојано притискаше, напаѓаше и едноставно беше прашање на време кога ќе попушти македонската одбрана.

Точно е и тоа дека како индивидуалци, и Полска и Австрија имаат многу звучни имиња, но ако сакаме да одиме на ЕП, не смее да се плашиме од нив и треба да се покаже фудбалска дрскост, па и да се нападнат, ако сакаме да ги изненадиме. За жал, тоа не се случува.

СОНОТ ПРОДОЛЖУВА, ПОДОБРИ СМЕ ОД КОСОВО И ЌЕ ГО ПОБЕДИМЕ

Квалификациите се завршени, но сонот за ЕП 2020 останува. Тука е плејофот во Лигата на нации, каде што Македонија е дел од полуфиналето. Косово ќе биде нашиот ривал на меч кој треба да се игра во нашата земја во март следната година.

И Косовците во овие квалифкации покажаа дека имаат квалитетна селекција, но да се разбереме, не е тоа ниту Полска, ниту Австрија. Едноставно, со Косово може да бидеме рамноправи, а на домашен терен нормално е да бркаме и победа. Со искуството на Пандев, талентот на Елмас, веќе искусните за големи натпреварувања Николов, Барди, Алиоски, Ристовски, Адеми, Несторовски…Македонија може да се надева на финале во Лигата на нациите, што би значело само еден чекор до пласман на ЕП 2020.

Едноставно е. Имаме добра селекција, квалитетни играчи, игра на домашен терен. Никако не смееме да се уплашиме од Косово, туку само треба со „ладни глави“ да се влезе на тој меч и на крајот да се стигне до победа. До одигрување на тој меч против Косово остануваат уште неколку месеци, но анализите на тој ривал, откривање на нивните добри и лоши страни, треба да започнат уште сега за да не бидеме изненадени во март.

ФАВОРИТИТЕ СЕ ТАМУ КАДЕ ШТО ТРЕБА

Квалификациите за ЕП влегуваат во последната фаза, а ситуацијата во многу групи е речиси јасна. Тоа што е забележливо е дека фаворитите во групите не киксираат. Белгија, Италија, Русија и Полска се веќе сигурни на ЕП 2020, а на посакуваните две позиции во групите се и Англија, Чешка, Португалија, Холандија, Германија, Хрватска, Шпанија и Франција.

И од обложувачки аспект, реални се резултатите во квалификациите за ЕП 2020. Кој ги игра фаворитите, добро може да си заработи. Денеска и утре има нова тура на репрезентативни дуели, што е шанса за сите оние кои не успеале викендов да се радуваат на добивка, но и за сите оние стручњаци кои викендов се појавиле на касите за исплата.

 

- Оглас -

Најнови вести