Иако е сè уште рано, во европските фудбалски кругови сè повеќе кружат приказни за можна заедничка кандидатура на балканските земји за организација на Европското првенство во 2036 година, меѓу кои и Македонија.
Според шпекулациите што се актуелизираа, домаќини би можеле да бидат Србија, Хрватска, Бугарија, Грција, Македонија и Албанија.
Таквиот модел би овозможил организирање на големо натпреварување во дури шест земји од регионот за прв пат во историјата. Во случај УЕФА да прифати таква понуда, сите шест домаќини автоматски би обезбедиле место на тоа ЕП.
Во исто време, сè почесто се зборува за можното проширување на Европското првенство од сегашните 24 на 32 репрезентации.
Според едно од дискутираните сценарија, квалификациите би биле организирани преку 12 групи со по четири репрезентации. Двете најдобри селекции од секоја група би обезбедиле директно пласман на ЕУРО, што би донело вкупно 24 учесници преку квалификациите. Доколку на тоа се додадат шест домаќини, бројот на учесници би се зголемил на 30 национални тимови, додека преостанатите две места би се пополниле преку Лигата на нации на УЕФА.
УЕФА сè уште не донела одлука за домаќинот на ЕУРО 2036, ниту за евентуалното проширување на турнирот на 32 репрезентации. ЕУРО 2028 ќе се одржи во Велика Британија и Република Ирска, а ЕУРО 2032 во Италија и Турција.

