Аларм во Манчестер јунатед, потврдени девет позитивни случаи на ковид-19

Манчестер јунајтед потврди девет позитивни случаи на ковид-19 по последните тестирања во клубот. Два дена по пријателскиот меч против новиот премиерлигаш Брентфорд, корона-вирусот го вклучи алармот во таборот на Црвените ѓаволи, по што заразените членови, неколку фудбалери и дел од стручниот штаб, се сместени во самоизолација.

Според здравствениот протокол, Јунајтед ја откажа контролката против Престон, која требаше да се одигра утре, па на 20-кратниот англиски првак му преостанува уште еден подготвителен меч против Евертон на 7 август, пред стартот на новата сезона во Премиер лигата.

Тимот на Оле Гунар Солскјер не се покажа во најдобро издание досега во подготовките, со оглед на тоа дека дел од првотимците неодамна се приклучија на екипата, а неколку ѕвезди, како и новите засилувања Санчо и Варан, допрва треба да се појават во клубот.

Јунајтед со обврските во англиското првенство стартува на 14 август против Лидс во првото коло на домашен терен.

- Оглас -

Најнови вести