Ќе игра со Силекс во финалето на Купот, а состави и хуманитарен тикет (Фото)

Тој е еден од најдобрите и најталентирани голмани во Првата лига, стандарден член на младата фудбалска репрезентација на Македонија до 21 година и еден од оние од кои очекуваме да бидат наследници на Столе Димитриевски во А-тимот. Љупче Џеков е столбот на одбраната на македонскиот прволигаш Силекс, голман кој плени со својата појава и му дава дополнителна сигурност на својот тренер Александар Васоски и на соиграчите.

Со тимот на Силекс повторно обезбеди пласман во финалето на Купот на Македонија и се наоѓа на чекор до трофеј.

„Уште од почетокот на сезоната имавме две цели, да се обидеме да го освоиме пехарот во Купот на Македонија и да се бориме за шампионската титула. Во првенството се чини дека можеби и малку потфрливме, но затоа сме на чекор до трофеј во Купот и навистина сум горд на тимот. Верувам дека ќе успееме да славиме и во финалната битка со Шкендија, иако се работи за навистина квалитетен тим“, вели Љупче Џеков.

Силекс во шампионатот овој викенд му гостува на Вардар, кој е пред освојување на шампионскиот трофеј.

„Долго време бевме во трката заедно со Вардар и со Шкендија, но имавме неколку послаби резултати и бодовно заостанавме. Вардар е одличен тим, ќе се потрудиме да се претставиме во најдобро издание“, коментира голманот на Силекс.

Тој е член и на младата репрезентација на Македонија до 21 година. Се чини дека групата во квалификациите е навистина тешка затоа што за ривали ги имаат Италија, Шведска, Полска, Ерменија…

„Ривалите се силни, но мислам дека и ние на неколку натпревари можевме да стигнеме и до подобри резултати. Јас секогаш барам повеќе и се трудам да го дадам најдоброто од себе. Затоа и велам, мислам дека оваа генерација на Македонија У21 поседува квалитет и тоа веројатно не е изразено најдобро со бодовите што ги освоивме во групата“, коментира младинскиот репрезентативец.

Идол на Љупче Џеков е легендарниот Мануел Нојер. Го следи меѓународниот фудбал и поради Нојер негов омилен тим е Баерн Минхен.

„Идол ми е Нојер. Израснав гледајќи го и одушевувајќи се на неговите одбрани и воопшто неговиот голмански став. Комплетен голман, секогаш има што да се научи од таквите големи ѕвезди. И на 40 години брани фантастично“, вели Љупче Џеков.

Тој состави хуманитарен тикет и ќе се обиде да го погоди, а добивката секако би била донирана таму каде што во моментов е најпотребна.

- Оглас -

Најнови вести