Албанија и Косово се негативен пример што се случува ако се забранат игрите на среќа

Предлог измените на Законот за игрите на среќа и забавните игри кои предвидуваат дислоцирање на просториите во кои се приредуваат игрите на среќа на растојание од најмалку 500 метри воздушна линија од училиштата, факултетите, универзитетите, детските градинки, библиотеките и други објекти од вчера е во Јавна расправа во Собранието.

На дискусијата, свое излагање имаа и претставниците од Асоцијацијата на спортски обложуваници (АСОМ), кои објаснија дека ваквиот Закон ќе значи и затворање на една цела стопанска гранка и бркање на околу 8.000 вработени луѓе.

„Иако Законот не предвидува затворање, де факто ќе се случи буквално бришење на една цела стопанска гранка, а без работа ќе останат 7.700 вработени лица“ вели претседателот на АСОМ, Васко Илиески, кој додаде дека целосно се почитува Законот кој во член 20 став 1 вели „лица помлади од 18 години не може да учествуваат во игрите на среќа“.

„Обложувалниците целосно го почитуваат овој закон и најстрого внимаваме, да нема прекршување. Немаме никаков интерес во нашите објекти да влегуваат лица помлади од 18 години. Доследно го спроведуваме законот. Како Асоцијација сме подготвени да прифатиме и построга контрола и построги казни за прекршување на овој закон“, објасни Илиески на јавната расправа.

На покана на АСОМ, на расправата присуствуваше и Зоран Пухач кој е Генерален секретар на Европската организација на игрите на среќа (ЕОГЛ), чие седиште е во Брисел. Оваа организација ги претставува европските играчи и обложувалници, лиценцирани и регулирани со правото на ЕУ, чија примарна цел е промовирање на безбедна и сигурна средина на игрите на среќа, заштита на малолетниците, обука на вработените за препознавање завист од игрите и друго.

ПУХИЧ: ЦРНИОТ ПАЗАР ЗА БРЗО ВРЕМЕ ЌЕ ГЕНЕРИРА ГОЛЕМ БРОЈ НА НЕГАТИВНОСТИ, КАКО ШТО Е ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА КРИМИНАЛОТ, ФЕНОМЕНОТ НА „ЗЕЛЕНАШИТЕ“, БОРБА ЗА ТЕРИТОРИЈА, НЕМОЖНОСТ ДА СЕ СЛЕДИ ПОТЕКЛОТО НА ПАРИТЕ…

„За 11 години интензивно следење на проблемот со одговорното обложување во Европа и светот, не најдов ниту едно релевантно истражување кое на било кој начин би ја поврзал оддалеченоста на објектите за игри на среќа со било каков вид на паталошко однесување. Законот во развиените земји нема таков вид на ограничувања, бидејќи веќе одамна утврдиле дека растојанието на објектите не е поврзано со учество на малолетни лица во игрите на среќа. Сите современи решенија одат кон целосна забрана за пристап и учество за малолетници со санкционирање на прекршителите“, вели Пухач, во интервјуто дадено за „Емагазин.мк“.

Пухач објаснува дека со прифаќање на измените на законот нема да се направи никакво подобрување, туку само ќе има дополнителни негативни последици и тоа не само за приредувачите на игрите на среќа, туку и за државниот буџет и за целото општество.

„Во сегашниот Закон за игри на среќа, во член 20, забрана за учество на малолетни лица во игрите на среќа е веќе детално утврдена, вклучувајќи ја и забраната за влез во просториите каде се организирани игрите на среќа. Предложеното воведување на дополително минимално растојание е типичен пример за целосно непотребно преиспитување на оваа одредба. Доколку се прифати таквото решение, сигурно нема да има никакво подобрување, туку ќе настанат многу сериозни негативни последици и тоа не само за приредувачите на игрите на среќа, туку и за државниот буџет и за целото општество. Според структурата на населението, поголемиот дел од населените места опфаќаат многу мала површина и затоа ограничувањето од 500 метри воздушно растојание од образовни институции доведува до директно затворање на речиси сите објекти на играта на среќа во земјата“, вели Пухач во интервјуто за Емагазин.мк.

Пухач, објаснува дека освен што ќе се затворат лиценцираните објекти на игрите на среќа, ќе се појави значителен раст на црниот пазар, а на тој начин губи и државата.

„За брзо време ќе дојде до значителен пораст на црниот пазар – незаконско организирање на сите видoви на игри на среќа, каде што никој, па дури и малолетните нема да имаат никаква заштита. Црниот пазар за брзо време ќе генерира голем број на негативности, како што е зголемување на криминалот, феноменот на „зеленашите“, борба за територија, неможност да се следи потеклото на парите. Во таква ситуација и државниот буџет ќе губи сериозна сума на пари, организациите за социјална заштита и другите организации кои се финансирани директно од државниот буџет остануваат без значителен дел од приходот, поголем број граѓани кои се директно и индиректно вработени во областа на игрите на среќа ќе останат без работа“, анализира Пухач.

БЕЗ АРГУМЕНТИ ОДРЕДЕНИ ПОЛИТИЧАРИ САКААТ ДА ДОБИЈАТ ЕФТИНИ ПОЛИТИЧКИ ПОЕНИ

Генерален секретар на Европската организација на игрите на среќа (ЕОГЛ), додава дека за 11 години интензивно следење на овој проблем со одговорно обложување во Европа, не сретнал ниту едно релевантно истражување кое на било кој начин би ја поврзал оддалеченоста на објектите за игри на среќа со било каков вид на патолошко однесување.

„Единствено нешто што сретнав се повремените изјави на одредени политичари, првенствено во регионот од Југоисточна Европа, кои без ниту еден аргумент се обидуваат да остварат ефтини политички поени“, потенцираше Пухач.

Во нашето соседство, Албанија и Косово воведоа закон за забрана на игрите на среќа, а токму од тие примери може да се видат негативните ефекти од забраната.

„Низ историјата се познати неколку забрани кои го покажале својот негативен ефект. Најпознат пример е обидот да се забрани алкохолот во САД во првата половина на минатиот век. Тоа доведе до создавање на толку моќни криминални организации кои преживеале дури и по укинување на забраната до денес. Албанија и Косово неодамна воведоа забрана на игри на среќа, по што се создаде значителен црн пазар, што секако ќе продолжи да расте, освен ако не дојде до укинување на забраната. Ова е добар негативен пример за сите политичари во светот, кои можеби размислуваат за слични забрани. Токму затоа, ниту една европска земја не ја разгледува можноста за забрана, туку квалитетно регулирање на игрите на среќа“, објаснува Пухач.

Целото интервју на Зоран Пухач дадено за Емагазин.мк, може да го прочитате ТУКА.

- Оглас -

Најнови вести