Алегри не го признава успехот на Ајакс: Имаат многу среќа

Јувентус само формално треба да ја доигра сезоната во која ја одбрани титулата во Серија А, но имаше неуспех во Купот на Италија и во Лигата на шампиони. Италијанскиот првак се надеваше дека оваа сезона ќе успее да стигне до тронот во Лигата на шампиони, но ниту доведувањето на Кристијано Роналдо во составот, не го даде посакуваниот успех.

Тренерот на Старата дама, Масимилијано Алегри некако уште не може да ја преболи елиминацијата на свој терен во Торино од Ајакс. Холандскиот гигант славеше со 2:1 во Торино за шок на сите кои го сакаат Јувентус. Алегри има објаснување зошто Ајакс е во полуфиналето, но и зошто овој тим е на чекор од влез во финалето, бидејќи во првиот меч на гости во Лондон го победи Тотенхем.

„Во Лигата на шампиони постојат моменти кога сѐ ви оди како што треба. Ајакс нѐ победи во меч на кој не можеа да играат петмина играчи кои ни беа повредени. Потоа Ајакс замина во Лондон и го победи Тотенхем на кој му недостасуваа најважните играчи во нападот. Во целата таа приказна, по само 15 минути игра во Лондон, на Тотенхем им се повреди главниот играч во одбраната. Ајакс има сјаен тим, но имаа многу среќа што стигнаа до тука каде што се сега“, анализира Алегри, кој додава дека доколку за Јувентус во Торино играле Кјелини, Манџукиќ, Перин, Касерес и Квадрадо, резултатот ќе бил поинаков.

Ајакс го елиминира Јувентус откако победи со 2:1 во Торино, а првиот меч во Амстердам заврши 1:1. Претходно, Ајакс беше подобар во двомеч и против Реал Мадрид, откако на „Сантијаго Бернабеу“ гостите славеа со 4:1. Некогашниот четирикратен европски првак е првиот тим кој стигнал до полуфиналето во Лигата на шампиони, а тргнал од второто квалификациско коло.

 

 

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести