Алексис: Не се каам за трансферот во Манчестер јунајтед

Агонијата заврши за Алексис Санчес и Манчестер јунајтед со преселбата на Чилеанецот во Интер. На „Џузепе Меаца“, Санчес оваа сезона ќе игра како позајмен играч, а доколку ги оправда средствата и довербата, Интер следното лето целосно ќе го откупи неговиот договор.

Во меѓувреме, Манчестер јунајтед ќе исплаќа две третини од неговата неделна плата, која изнесува 500.000 фунти. Иако стана најплатен фудбалер во Премиер лигата кога го смени дресот на Арсенал со оној на Црвените ѓаволи, Санчес не покажа ниту малку од она што го знае и што го правеше во дресот на Топчиите, како и во дресот на Барселона претходно.

Сепак, тој вели дека не се кае за трансферот на „Олд Трафорд“, иако смета дека би ги оправдал средствата доколку добиел вистинска шанса.

„Воопшто не ми е жал што потпишав за Манчестер јунајтед. Во тој период тие се обидуваа да го засилат тимот со цел да остварат успех. Јас сакав да бидам дел од тој тим. Штета што не успеав таму, да ја добиев вистинската шанса, би придонел многу повеќе, колку што се очекуваше од мене. Ретко играв цел натпревар, а знам дека ако бев на теренот 90 минути, ќе дојдев до ситуација да ги решавам натпреварите“, истакна Санчес.

Ниту добрите партии за Чиле кои ги пружи на Копа Америка не беа доволни да го убедат Оле Гунар Солскјер да му даде шанса на Санчес, па на крајот му остана да потпише за Интер во обид да си ја прероди кариерата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести