Алиоски не патуваше за Калјари, даде гол за Лидс во Манчестер

Лидс имаше интересен распоред за сабота и одигра два меча на две различни страни на Европа, во Италија против Калјари и во Манчестер против Жирона.

Езџан Алиоски не отпатува за Сардинија на главниот завршен тест против Калјари пред стартот на Чемпионшип, но настапи во Манчестер за условно кажано вториот тим на Лидс и постигна гол на пријателскиот меч со Жирона.

Македонскиот репрезентативец летово не патуваше со фудбалската експедиција ниту во Австралија, го прескокна големиот меч со Манчестер јунајтед во Перт, а и тој и уште неколку стандардни првотимци останаа во Англија за да ја завршат рехабилитацијата по повредите во финишот на ланската сезона.

Вчера Лидс ремизираше против Калјари, 1:1, без Алиоски во составот, а истовремено уште еден состав на тимот од Јоркшир го победи шпанскиот второлигаш Жирона со 3:2 во Манчестер. На тој меч Алиоски го постигна третиот гол за Лидс од пенал, па сега се надева дека ќе успее да се избори за статусот првотимец за стартниот меч во Чемпионшип против Бристол сити на 4. август.

- Оглас -

Најнови вести