Алиоски: Очекувам да победиме во двата меча, а потоа одиме на Косово

Езѓан Алиоски е еден од адутите на селекторот Ангеловски кој со својот квалитет може да ја направи разликата во претстојните натпревари на Македонија во новиот циклус од Лигата на нациите.

Нашата селекција на 5 септември ја пречекува Ерменија во првиот меч од Сегментот Ц, а три дена подоцна гостува во Грузија. Алиоски очекува победи во двете средби, а потоа во добра форма да го чекаат клучниот дуел со Косово во полуфиналето од плејофот за ЕП 2020.

„Се вративме дома и веднаш почнавме да тренираме на стадионот каде што створивме многу историја, а допрва тааа ќе ја надополнуваме. Секако, целта на сите ние да се пласираме на Европското првенство. Доколку не го сториме тоа, ќе се тешиме дека сме покажале добри игри. Со тоа веќе не се задоволуваме и сметам дека имаме време да се подготвиме и да ги поместиме границите на македонскиот фудбал. Ерменија ни е познат противник кого веќе го совладавме, додека пак дуелот со Грузија ќе ни дојде како тест доколку се сретнеме во финалето од плејофот“, истакна Алиоски.

Влатко Стојановски своето деби за тимот А на Македонија го запиша во ноември минатата година, во поразот од Австрија. Стојановски вели дека колективноста во репрезентацијата може да има голема улога во мисијата да се победат Ерменија и Грузија.

„За секој фудбалер е одлично чувството да се биде дел од најдобрата репрезентација на Македонија, од која очекувам добри резултати во претстојните натпревари. Ние играме колективно и сите сме сплотени, тоа може да ни ги донесе посакуваните резултати. Иако паузата беше предолга, знам дека сите работеа да ја одржат формата и ќе бидат на висина на задачата“, посочи Стојановски.

- Оглас -

Најнови вести