Алиоски: Поискусни сме од Косово и поблиску до победа

Езџан Алиоски вели дека едвај чека да продолжи сезоната во Чемпионшип и секако ги брои деновите до дуелот меѓу Македонија и Косово во полуфиналето од Д сегментот во Лигата на Нации закажан за 4. јуни во Скопје.

Членот на Лидс вели дека Македонија има подобри шанси од Косово за пласман во финалето, со што Македонија би дошла на еден чекор до настап на Европското првенство, кое е пролонгирано за следната година.

„Сакав мечот да се одигра како што беше планирано на 26. март, но мораме да ја прифатиме ситуацијата. Имаме поискусен состав од Косово и ако играме на нивото на квалификациските мечеви и како што тоа го правевме во Лигата на Нации ќе бидеме поблиску до победа од нашиот ривал. Двете селекции имаат одлични млади играчи и солиден квалитет. Македонската репрезентација е како едно семејство и атмосферата што владее во националниот состав ни е голема предност. Секако како и сите репрезентативци сонувам да играм на големо натпреварување, а шансата за настап на Европското првенство е голема“, вели Алиоски во интервјуто што го направи нашиот колега Решат Ибраими.

Моментно Алиоски ја дели судбината на речиси сите играчи во Европа, каде првенствата се прекинати поради Коронавирусот.

„Седам дома како и сите играчи на Лидс и работам според програмата што ни ја дадоа од клубот. немам контакт со соиграчитем освен со Коста со кого трчаме заедно. Малку е монотоно и тоа ми е единствено излегување од дома, но мора да се издржи. Едвај чекам да продолжиме со фудбал“, додава Алиоски.

Лидс има одлични шанси за промоција во Премиерлигата, а според последните најави од британските медиуми Чемпионшип во Англија би требало да продолжи на почетокот на јуни, токму непосредно пред полуфиналниот дуел меѓу Македонија и Косово во битката за настап на ЕП.

 

- Оглас -

Најнови вести