Алкалоид победнички го заврши дебитантскиот настап во Европа

Ракометарите на Алкалоид триумфирално го завршија дебитантскиот настап во европските купови, во СЦ „Јане Сандански“ со 28:27 во мечот од последното шесто коло во групата Ф го победија Логроњо Ла Риоха.

Алкалоид првиот настап во Европа го заврши со три освоени бода, сите три во дуелите со шпанскиот тим. Во дуелите со двата тима кои ги продолжуваат настапите во нокаут-фазата, Војводина и Силкеборг, Алкалоид доживеа четири порази.

Натпреварот започна со двата гола на Алкалоид, но шпанскиот тим веднаш возврати, а потоа и го презеде водството. На средина од првиот дел, Логроњо имаше и пет гола предност (5:10), по што почна будењето на Алкалоид, најмногу благодарение на голманот Галевски, кој само во првиот дел имаше 11 одбрани.

Со серија од 4:0, ракометарите на Кирил Лазаров дојдоа до 9:10, а во 23-та минута, по голот на Савревски ја анулираа негативата. До крајот на првиот дел, со серија од три гола по ред, Алкалоид на одмор замиина со предност од 15:13.

Вториот дел започна на идентичен начин како и првиот, со два гола на Алкалоид, по што гостите мораа да бркаат негатива од минус четири (18:14). Но, благодарение на серијата од 0:5, шпанскиот тим во 40-тата минута поведе со 18:19, по што Митев со петтиот гол го прекина шестминутниот период без постигнат гол на Алкалоид.

Потоа следуваше период во кој се играше гол за гол сè до 49-тата минута, кога Логроњо постигна два гола по ред и поведе со 22:23. Во наредниот период Алкалоид ја бркаше негативата од еден гол, но благодарение на одбраните на Галевски и голот на Митев во 58-мата минута, македонскиот тим поведе со 27:26.  По нереализираниот напад на гостите, Алкалоид во последната минута преку Митев погоди за 28:26 и ја обезбеди историската прва победа.

Херој на мечот беше голманот Иван Галевски со 17 одбранети удари, а во нападот блескаше Марко Митев со десет постигнати гола.

- Оглас -

Најнови вести