Алкалоид немоќен против силните Данци: Промашените пенали му пресудија на македонскиот вицепрвак против Силкеборг

Македонскиот вицепрвак Алкалоид загуби од Силкеборг со 23:31 (12:16) во третото коло од Европската лига на ЕХФ. Данскиот тим и пред мечот беше фаворит, а на теренот во салата „Јане Сандански“ го потврди квалитетот против помалку искусните ракометари на Алкалоид, кои имаа шанса да изненадат, но не ја искористија, и тоа најмногу поради слабата реализација од пенал.

Домашните ракометари промашија дури пет пенали од првите шест шута и со таква реализација не може да се изненади ривал како Силкеборг.

Алкалоид започна одлично и поведе со 3:0 само по три минути игра, но гостите брзо возвратија со два погодока. Беше 5:4 за Вардар во деветтата минута, а потоа гостите се разиграа и не само што ја анулираа негативата, туку постепено го „мелеа“ противникот.

Прво следуваше серија од 3:0 и Силкеборг го презеде водствто (7:5 во 13-тата минута). Во овој период ракометарите на Алкалоид направија неколку неизнудени грешки, па на резултат 6:9, тренерот на Алкалоид, Кирил Лазаров, побара тајмаут во 17-тата минута.

И по тајмаутот следуваше грешка во нападот на домаќините, кои Силкеборг немилосрдно ги казнуваше, па во 25-тата минута водеа со 14:8. До тој момент Алкалоид ги промаши сите три пенали кои ги изведоа, а имаа и неколку нереализирани зицери. На полувремето фаворитот замина со предност од 16:12.

Во второто полувреме гостите го контролираа резултатот со тоа што Алкалоид продолжи да промашува пенали. Во 42-рата минута резултатот беше 16:21, а домашните ракометари до овој дел имаа промашено пет од шесте удари од пенал линијата.

Беше 18:22, а во последните 10 минути домашните ракометари целосно го загубија ритамот, а тоа лесно го казнија искусните гостински ракометари и рутински одработија за убедлива победа на гостувањето во Скопје.

Џонов беше најефикасен кај Алкалоид со 7 гола, Серафимов погоди петпати, а голманот Трајковски имаше 11 одбрани.

Во вториот меч од оваа група, Војводина и Ла Риоха одиграа 24:25. По три одиграни кола, Војводина и Силкеборг имаат по 4 бода, Ла Риоха е со три, а Алкалоид е на последното четврто место само со еден освоен бод.

Во следното коло, на 21 ноември, Силкеборг ќе биде домаќин на Алкалоид.

- Оглас -

Најнови вести