Алушовски е оптимист пред дуелот со Порто

Вардар утре гостува кај Порто во мечот од Лигата на шампионите, кој ќе биде втор меѓусебен во ремито од 25:25 кое го одиграа во Скопје, во октомври минатата година.

Црвено-црните во овој меч ќе влезат со серија од две победи остварени во СЕХА-лигата против Војводина и Нексе, па затоа атмосферата е позитивна во соблекувалната на скопскиот гигант.

Стевче Алушовски детално го анализира противникот и знае од каде ќе доаѓа најголемата закана по голот на неговата екипа, но сепак очекува Вардар да издвои позитивен резултат.

„Одработивме еден тренинг пред патувањето во Порто. Против Нексе одигравме тежок натпревар, кој беше неизвесен до самиот финиш, по што се потрудивме да ја пренесеме позитивната енергија од таа средба. Сметам дека добро го анализиравме противникот, воедно добро ги одработивме подготовките за овој дуел, а ни претстои уште еден тренинг таму во Порто во којшто ќе работиме на детали. Нормално дека не очекува тежок натпревар, составот на Порто практично е речиси целата репрезентација на Португалија. Очекувам најголемата закана за нас да доаѓа од нивните бекови, а доколку успееме да ги онеспособиме, оптимист сум дека можеме да издвоиме добар резултат“, посочи Алушовски.

Натпреварот Порто – Вардар е закажан за утре, во 20:45 часот.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

- Оглас -

Најнови вести