Алушовски: Квалитетот на Келце е неспорен, но јас сум оптимист

Сè уште актуелниот европски првак Вардар во четврток им се враќа на обврските во ракометната Лига на шампиони. Во Скопје гостува полскиот гигант Келце, тим којшто има остварено само една победа во вкупно пет гостувања во „Јане Сандански“.

Поразот е далечен, од 2015 година, а оттогаш Вардар доби три од четири меча како домаќин, со тоа што последната средба заврши со реми од 28:28.

Тренерот Светче Алушовски вели дека е оптимист и покрај очигледниот квалитет кој го поседува во Келце. Црвено-црните ќе се соочат со двајца поранешни играчи, Карачиќ и Душебаев, кои знаат како се победува во нашата метропола.

„Ќе бидеме комплетни за натпреварот против Келце. За време на репрезентативната пауза успеавме да ја санираме повредата на Јотиќ, исто како и повредата на коленото на Талески. Секако дека нè очекува еден исклучително тежок натпревар против лидерот во нашата група. Според мене, Келце досега покажа дека е најквалитетен во моментов. Келце е максимално незгоден противник, составен од врвни играчи и, пред сè, поранешните Вардарци, како Игор Карачиќ и Алекс Душебаев, коишто знаат што значи да се игра во Скопје. Очекувам да биде неизвесно, а за да имаме успешен резултат, треба да одиграме одбрана на врвно ниво. Го анализираме противник и сметам дека до четврток ќе бидеме подготвени, оптимист сум дека можеме да издвоиме резултат во наша полза. Нè очекуваат два натпревари против Келце и мислам дека ќе ја пресликаме играта од победите над Фленсбург и Порто, кои ги остваривме на домашен терен претходно“, истакна Алушовски.

 

- Оглас -

Најнови вести