Лембанов напредува како по учебници, на само 28 години е прв тренер на шампионски тим

Кога посветената работа и амбициозноста ќе се спојат, среќата се заслужува и успехот порано или подоцна е неизбежен. Таков е примерот и со 28-годишниот Алексо Лембанов кој по оставката на Стевче Алушовски, доби задача да го извлече максимумот од составот на Еурофарм Пелистер во завршницата од сезоната.

Ова е ново ново поглавје во неговата кариера во која има евидентен напредок, нафаќајќи се на одговорноста да го води актуелниот македонски првак.

„Со оглед на тоа дека моето доаѓање на местото главен тренер на Еурофарм Пелистер беше на некој начин неочекуван, не очекувавме дека ќе се најдеме во ваква ситуација, имам измешани чувства, постои огромна доза на чест и задоволство што управата одлучи да го водат тимот и да ми ја дадат довербата во битката за второто место до крајот на сезонава“, вели Лембанов, еден од ретките скопјани кои го воделе првиот тим на Пелистер.

„Јас сум професионалец, не е важно од каде потекнуваме, не треба да се суди според тоа, туку според тоа што го работиме. Не сум имал никаков проблем во Битола од тој апсект во овие тие две години колку што сум тука“, додава Алексо кој веќе дебитираше на клупата со убедлива победа над Тиквеш, а до крајот на сезоната му претстојат предизвици и дерби дуели и со Вардар, ГРК Охрид и Алкалоид.

„Го победивме Тиквеш, следува и дербито со Вардар. Му излеговме во пресрет на Вардар и мечот со нив ќе биде подоцна, а не меѓу двата европски меча со Монпелје. Вардар со 99,9 проценти ја има освоено титулата, но тоа ќе биде дерби меч, ќе имаме доволно време подобро да се спремиме. Ќе има набој, видовме лани дека двете екипи победија на гостински терен. Вардар неодамна победи во Битола, не би рекол дека е исклучена можноста да се реваншираме и да победиме“, оптимист е Лебанов.

За пелистерци многу е важно да завршат на второ место и да играат во групите од Европската лига на ЕХФ.

„Во игра сме за второ место, тоа ни е целта и под суштинско значење за клубот. Според некои предвидувања првакот ќе добие вајлд-карта за Лигата на шампионите, а вториот ќе игра во групите од Лига Европа. Битно е за клуб како Е. Пелистер да се најде таму. На почетокот на сезоната не беа тие амбициите и плановите, но што е тука е“, вели Лембанов.

Кај него љубовта кон ракометот е од мали нозе, а сега посветеноста му помага чекор по чекор да напредува во кариерата.

Неговата ракометна приказна почна како играч, но пресвртен момент бил кога како 19-годишен, Алексо сфатил дека е подобро да се преориентира во тренер и девет години го работи тоа.

„Кога имав 19 години бев свесен дека нема да бидам успешен ракометар, би рекол умот сакаше, но телото не можеше да го следи тоа и свесен бев за тоа. Можеби имам кратка кариера, но сепак работам 9 години во континуитет и со прогрес како по учебници. Од млади категории во Металург, прво како помошник, па во сениорскиот тим на Пролет, прво помошник, па главен тренер две години. Работев како помошник во клуб од Саудиска Арабија, дојде повикот да бидам помошник во Пелистер и еве сега сум прв тренер тука. Имам доволно искуство и знаење, знам што значи да се води Еурофарм Пелистер, имам самодоверба, и ме радува што имам максимална поддршка од играчите и раководството“, заклучува младиот, 28-годишен стратег, но веќе искусен.

- Оглас -

Најнови вести