Алвес има поголем проблем од тој што го каснаа пчели среде меч

Клубот Сао Пауло изненади многумина кога го ангажираше десниот бек Даниел Алвес, но сега имаат проблем да објаснат како ќе најдат пари за да му исплатат 4 милиони евра, што е најголемата годишна плата за еден фудбалер кој настапува во Јужна Америка.

Пред некој ден, Дани кога требаше да изведе корнер, беше нападнат и каснат од рој пчели кои беа на корнер знаменцето на мечот со Форталеса. Но, тоа не е најголемиот проблем.

Месечната плата на Дани Алвес е 330.000 евра, а му давале само малку над 100 илјади. Клубот чека пари од продажбата на ТВ-права, како и од спонзори кои засега ги нема да се појават. Во Сао Пауло очекувале спонзорите „да се тепаат“ за да вложуваат во клубот откако ќе го донесат Алвес, но тоа не се случува и економскиот ефект го нема во обемот во којшто очекувале.

Спортскиот директор Раи, кој е најзаслужен за трансферот на најтрофејниот играч на светот, е под притисок од останатите фудбалери на Сао Пауло. Раи морал да објаснува како планира да најде пари за сите.

Познавачите на состојбите велат дека ако нешто не се смени, можеби Сао Пауло ќе биде принуден да го продаде својот најскап играч кој иако има 36 години, лесно ќе си најде клуб.

- Оглас -

Најнови вести