Американците првпат после 30 години го окупираа подиумот на 100 метри, рекордот на Болт незагрозен

Фред Керли е нов светски шампион на 100 метри за мажи. Овој 27-годишен американски спринтер, го освои златниот медал пред домашната публика во Јуџин, Орегон со време од 9,86 секунди (со неповолен ветер од -0.1 м/сек).

Керли беше бронзен на 400 метри на претходното СП во Доха во 2019, а лани на ЛОИ во Токио освои сребро на 100 метри. Керли имаше време од 9,79 во квалификациите и некои помислија дека е способен да трча уште побрзо и да го загрози светскиот рекорд на Јусеин Болт од 9,58, но тоа се покажа како нереално очекување.

Олимпискиот првак на стотка, Марсел Ламонт Џејкобс од Италија, трчаше во квалификациите, но поради повреда, не се појави во полуфиналето.

Покрај Керли, на подиумот беа и Марвин Брејси и Трејвон Бромел, кои го освоија второто, односно третото место со исто време од 9,88. Ова е првпат после 1991 година, првите три места на 100 метри да ги освојат Американци. Шампионот од Доха 2019, Кристијан Колмен беше само шести.

- Оглас -

Најнови вести