Аморим е храбар – Победува и со деца што не го гледале Роналдо во Спортинг

Рубен Аморим го препороди Спортинг и како кормилар на еден од најпознатите клубови во Португалија забележа четири победи и има едно реми.

Тренерот што е најскап во историјата на клубот, откако Спортинг за него ѝ плати на Брага 10 милиони евра отштета, е храбар и одлучно го подмладува тимот.

„Спортинг има одлична младинска Академија која има произведено легендарни играчи. Јас ќе продолжам да им давам шанса на нашите таленти. Некои од нив воопшто и не биле родени кога Кристијано Роналдо играше за Спортинг, но треба и ќе добијат шанса“, вели Аморим.

Кристијано Роналдо играше една сезона за Спортинг, во 2002/03, пред да се пресели во Манчестер јунајтед.

За 18-годишниот стопер Едуардо Кварежма веќе има огромен интерес од европските гиганти, а тој на почетокот на ерата на Аморим во Спортинг веќе е стандарден првотимец.

Вчера на дуелот со Жил Висенте шанса доби и 17-годишниот Жоелсон Фернандеш, кој го урна токму и рекордот на Роналдо и стана намлад играч во историјата на лисабонските Лавови. Покрај него, деби имаше и една година повозрасниот Тијаго Томас. Двајцата млади играчи влегоа како резерви во триумфот на Спортинг од 2:1. Стартер на дуелот беше и 19-годишниот Колумбиец, Гонзало Плата, кој беше и стрелец на вториот гол за домаќините.

Втор меч по ред стартер беше и нашиот Стефан Ристовски за тимот што заедно со Портимоненсе се единствените непоразени во Португалија, откако имаше рестарт на популарната Примеира.

 

- Оглас -

Најнови вести