Анчелоти има 21 трофеј, но УЕФА повторно го тера на тренерски испит

Карло Анчелоти е еден од најуспешните тренери во клупскиот фудбал во Европа и моментно предводник на најтрофејниот клуб на Стариот Континент, Реал Мадрид. Италијанскиот стратег оваа година слави јубилеј од 30 години како е дел од тренерската работа, но челниците на УЕФА му испратија покана за полагање тренерски испит.

Тренерската лиценца на Анчелоти истекла на 31 декември минатата година и сега мора да ја обнови. УЕФА испратила писмо до 62-годишниот Анчелоти дека мора да го помине испитот ако сака да добие „зелено светло“ и продолжување на тренерската лиценца, која му е потребна ако сака да го води Реал Мадрид.

Во долгата кариера, Анчелоти бил предводник на екипи како Милан, Челзи, ПСЖ, Реал Мадрид и Баерн Минхен и вкупно има освоено 21 трофеј. Тој може да се пофали со три титули во Лигата на шампионите, титули во првенствата од петте најсилни лиги во Европа, но, сепак, од УЕФА му бараат повторно полагање на тренерскиот испит.

Последниот трофеј што го освои е од пред две недели, кога со Реал Мадрид триумфираше во Суперкупот на Шпанија. Од Шпанската фудбалска федерација испратиле писмо во УЕФА, во кое бараат Анчелоти да не оди да го полага тренерскиот тест затоа што е бесмислено тоа да се бара од човек кој зад себе има повеќе од 1.200 натпревари како тренер.

- Оглас -

Најнови вести