Ливерпул утре гостува кај Наполи во второто коло од групната фаза од Лигата на шампионите. Тренерот на италијанскиот вицешампион, Карло Анчелоти, истакна само пофалби за „црвените“, особено за неговиот колега Јирген Клоп, кој го воскресна тимот откако пристигна на клупата во 2015 година.
Анчелоти се потсети и на пријателскиот меч против Ливерпул во текот на летото кој се одигра во Даблин, а „црвените“ на тој меч го декласираа составот на Наполи со 5-0.
„Од пријателскиот меч во Даблин научивме многу работи, искусивме како не треба да се игра против екипа каква што е таа на Ливерпул. Тоа беше пријателски тест, оној вистинскиот „испит“ е утре и ќе биде многу потежок. Јигрен Клоп многу придонесе за овој тим повторно да биде меѓу најдобрите во светот. Минатата сезона играа во финалето, мислам дека и годинава ќе сакаат да се најдат на завршницата во ова натпреварување. Ние немавме многу време да се подготвиме за средбата, но во нас има голема самодоверба дека можеме да издвоиме резултат кој ќе биде во наша корист“ изјави Анчелоти.