Екипите на Хамбургер и Санкт Паули ќе мора да платат високи казни за пиротехничките средства што ги користеа навивачите на двата тима за време на градското дерби во јануари. Поради големата количина чад, почетокот на второто полувреме беше одложен за речиси шест минути, а спортскиот суд на ДФБ денеска изрече сериозни казни.
Екипата на Хамбургер ќе мора да плати 253.000 евра, додека казната за Санкт Паули е уште поголема. Овој тим ќе треба да плати 359.000 евра. Тоа значи дека двата клуба за нередите во градското дерби во Хамбург, мора да издвојат повеќе од 600.000 евра.
Клубовите ќе можат да инвестираат дел од оваа сума во свои безбедносни мерки и програми против насилство, додека остатокот треба да оди во фондации поврзани со фудбалот.
Интересно е дека овие казни во германскиот фудбал доаѓаат во ист ден кога беше доделена највисоката парична казна во историјата на македонскиот фудбал. Тетовска Шкендија доби вкупна парична казна од 105.000 евра поради нередите и неспортското однесување на финалето од Купот на Македонија.

