Анчелоти: Најтешко е да се избере почетниот состав за Ел Класико

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, изјави дека има дилеми околу почетниот состав кој треба да истрча на реваншот од полуфиналниот натпревар од шпанскиот Кралски куп против Барселона.

„Секогаш е најтешко е да се избере почетниот состав. Менталитетот на фудбалерите нема да се промени, сите сакаат да го почнат натпреварот. Но, многу тешко е да се избере почетниот состав бидејќи има повеќе од 11-мина играчи кои заслужуваат да бидат во него. За мене Ел Класико секогаш ќе биде најважен натпревар. Многу блиску сме до финалето и ќе направиме сè за да играме во него. Но, тоа не значи дека од првата минута како луди ќе тргнеме да постигнеме гол. Идејата е да одиграме комплетен натпревар бидејќи ако постигнеме гол во петтата минута, а потоа примиме два, ќе биде залудно“, изјави Анчелоти.

Реванш-натпреварот ќе се игра утревечер на „Камп ноу“, а Барселона има предност од 1:0 од првиот натпревар. Италијанецот на клупата на Реал Мадрид најголеми дилеми има за тоа кои фудбалери да играат во средниот ред, каде што конкурираат Тони Крос, Лука Модриќ, Орелиен Чуамени и Едуардо Камавинга.

„Чуамени носи многу на дефанзивен план во играта, во додавањата, во пресингот… Но, Камавинга има важни квалитети и тешко е да се исфрли од првиот тим. Модриќ против Валјдадолид беше на клупата. Мора да се размислува за потенцијалот што го имаме на клупата, што може да се покаже како клучен како што беше во минатата сезона“, рече Анчелоти.

- Оглас -

Најнови вести