Реал Мадрид го совлада Алавес со 2-1 на „Сантијаго Бернабеу“, со што конечно стави крај на серијата лоши резултати и ја запиша првата победа во април по четири последователни кикса.
Кралскиот клуб дојде до предност во 30-тата минута кога Килијан Мбапе погоди со доза на среќа, совладувајќи го голманот Сивера.
Лоша вест за домаќините беше повредата на Едер Милитао, кој пред крајот на првото полувреме мораше да го напушти теренот, а на негово место влезе Антонио Рудигер.
Прашањето околу победникот практично беше решено во 50-та минута, кога Винисиус јуниор постигна спектакуларен гол од далечина од околу 25 метри, зголемувајќи на 2-0.
Алавес успеа само да го ублажи поразот во судиското продолжение преку Тони Мартинез, но без реална шанса за пресврт.
Со оваа победа, Реал Мадрид стигна до 73 бода и остана на втората позиција во Ла Лига, додека Алавес е 17-ти со 33 бодови.
Во друг натпревар, Бетис славеше драматична победа од 2-3 на гостувањето кај Жирона.
Жирона поведе преку Виктор Циганков, но Марк Рока израмни пред паузата.
Во вториот дел следуваа пресврти: Абде Еззазули донесе водство за Бетис, Азедин Унахи израмни од пенал, а конечниот погодок за 2-3 го постигна Родриго Рикелме.
Бетис се искачи на петтото место со 49 бода и доби дополнителен импулс со враќањето на Иско, додека Жирона остана на 11-та позиција со 38 бодови.

