Анчелоти соборува рекорди во ЛШ, досега вакво нешто не му успеало на ниту еден тренер во историјата

Карло Анчелоти на синоќешниот натпревар меѓу Реал Мадрид и Манчестер сити, стана првиот тренер кој предводен еден тим на дури 200 меча во Лигата на шампионите.

Актуелниот тренер на Реал Мадрид до ваквото достигнување дојде за 21 сезона водејќи осум екипи. Покрај Реал (59 натпревари), Анчелоти во Лигата на шампионите ги предводел и Парма (6), Јувентус (10), Милан (73), Челси (18), ПСЖ (10), Баерн Минхен (12), Наполи (12). На 200-те меча во ЛШ, Анчелоти има учинок од 114 победи, 45 ремија и 41 пораз.

Италијанецот има највеќе титули во ЛШ, четири кои ги освои со Реал Мадрид (2014 и 2022) и со Милан (2003 и 2007) и е единствен кој водел екипи во пет финалиња во ЛШ. Згора на тоа, Анчелоти е единствен тренер во историјата кој освоил шампионски титули во петте најсилни европски лиги и тоа со Милан, Челси, ПСЖ, Баерн Минхен и Реал Мадрид.

„Ова е големо достигнување. Се сеќавам на својот прв натпревар, тоа беше кога ја водев Парма против Спарта Прага. Да се дојде до 200 натпревари во ЛШ ми значи многу. Успех е да се преживее толку многу години во фудбалот, посебно на мои години“, изјави Анчелоти.

Анчелоти уште долго може да остане единствен тренер со 200 натпревари во Лигата на шампионите бидејќи веднаш зад него се наоѓаат двајца „пензионери“, Сер Алекс Фергусон (190 натпревари) и Арсен Венгер (178), а потоа следуваат Хосеп Гвардиола (168), Жозе Мурињо (145), Мирчеа Луческу (115), Диего Симеоне (101), Јирген Клоп и Масимилијано Алегри (100).

 

- Оглас -

Најнови вести