Андерсон од Унион Берлин треба да се презива Хедерсон

Унион Берлин на свој терен го победи Келн со 2-0 во дуел од германското првенство, со што новиот прволигаш покажа дека не случајно стана дел од бундеслигашката елита, а особено опасен е дома, каде има четири победи по ред и тоа без примен гол.

Себастијан Андерсон беше стрелец на двата гола. Овој Швеѓанец е мајстор за голови со глава, првиот гол го даде на таков начин, а потоа докажа дека знае да даде гол и со нога.

Унион Берлин сезонава половина од головите ги даде после прекини, и важи за најопасен тим во Топ 5 лигите во Европа кога станува збор за ефикасност после изведен корнер, пенал или слободен удар. Четири од последните осум гола на Унион Берлин беа постигнати со шутеви со глава на Андерсон. Андерсон со осум гола е најефикасниот Швеѓанец сезонава во германската лига.

Келн е заглавен на претпоследно место со осум бода, додека Црвените од Берлин кои се нови во Бундеслигата, полека бегаат од опасната зона и имаат седум бода повеќе од зоната на испаѓање. Фановите на Келн во финишот на средбата на домашните им пееја: „Не сте ништо посебно, ние губиме секоја недела“.

- Оглас -

Најнови вести