Ливерпул не ги исполни целите за оваа сезона и ќе мора да направи сериозни резови, а според актуелните најави, Арне Слот би можел да ја напушти клупата на тимот.
Долго време се зборуваше дека Чаби Алонсо е идеален кандидат за раководството на Ливерпул и дека токму тој ќе биде новиот тренер на Црвените.
Сепак, дојде до голем пресврт и ново име се појави како фаворит за клупата на тимот од „Енфилд“.
Станува збор за Јулијан Нагелсман, чии претставници во последните неколку дена биле во контакт и со раководството на Манчестер јунајтед.
Тренерот, кој има 38 години, важи за еден од најпрогресивните млади стратези во Европа и, и покрај возраста, веќе поседува богато искуство на највисоко ниво.
Нагелсман ја започна својата тренерска кариера во Хофенхајм, по што следуваше преселба во Лајпциг. Таму дополнително ја зацврсти својата репутација, а во 2021 година стана тренер на Баерн Минхен, со кој ја освои титулата во Бундеслигата.
Во 2023 година ја презеде селекторската функција на Германија, иако до тој ангажман дојде откако не ја доби работата на клупата на Челзи.
Нагелсман има јасна желба да работи во Англија, а како што стојат работите, Ливерпул му нуди можност да ја оствари таа амбиција. Неговите претставници, наводно, разговарале и со челниците на Манчестер јунајтед, но Ливерпул е значително поблиску до договор.
Доаѓањето на „Енфилд“ би било полн погодок и за Нагелсман и за Ливерпул, сметаат навивачите на клубот.
Сепак, ништо конкретно нема да се случи пред завршувањето на Светското првенство, каде што Нагелсман има амбиција со Германија да стигне до финалето. Главната цел, секако, е освојување на титулата и Германија по петти пат во историјата да стане светски шампион. Дури потоа ќе биде многу појасна иднината на Нагелсман.

