Женската фудбалска репрезентација на Македонија утре во Скопје ќе игра против Летонија во меч од квалификациите за пласман на следното Европско првенство. По четири одиграни кола, Македонија е на второто место со седум бода, додека Летонија е трета со три бода.
Утрешниот дуел за Македонија е многу значаен затоа што со победа и обезбедување на второто место речиси сигурно ќе го обезбедиме пласманот и во баражот. Словенија е сигурно прва во групата.
„Оваа репрезентација е спој на младост и искуство. Нашата главна цел беше да го смениме менталитетот, да покажеме дека мора и дека можеме да се бориме, дека имаме сили, имаме квалитет. Како подготовка за последните две кола против Летонија и Словенија имавме мини подготовки од седум дена во Банско. Кај нас првенството е завршено, додека во Летонија е активен шампионатот“, вели селекторот Александар Андов.
Капитенот на македонската репрезентација и наша најдобра фудбалерка, Наташа Андонова, вели дека ова е можеби и најважниот меч на нашата селекција.
„Напорно работиме и знаеме дека само со таква работа, резултатите ќе дојдат. Ова ни е можеби историски меч затоа никогаш претходно не сме биле втори во група. Имаме шанси со победа да стигнеме и до баражот. Во екипата владее позитивна атмосфера, сите девојки се подготвени, максимално мотивирани. Имаме три меча и три победи против овој ривал, па наша желба е да продолжи овој добар ритам“, вели Андонова.
Пред три месеци, Македонија so 4:3 победи на гостувањето во Летонија, а во претходните две години во меѓусебните дуели Македонија еднаш победи со 3:2 дома и со 4:1 на гости.