Европското првенство е во завршна фаза. До крајот на турнирот остануваат уште три натпревари. Својот коментар за тоа кој играч го импресионира најмногу досега го даде Андрес Иниеста, двократниот првак на Европа со Шпанија.
Иниеста веќе долго време игра далеку од европските рефлектори. По одреден период во Јапонија, сега е во Обединетите Арапски Емирати. Сепак, далеку од тоа и дека не следи што се случува на Стариот Континент.
Легендарниот играч за врска на Барселона внимателно ги следи случувањата на Европското првенство, а според него, најдобар играч на турнирот е небрусениот дијамант Ламин Јамал.
Јамал има 16 години и за време на турнирот блеска на теренот, додека во слободно време полага испити за училиште. Станува збор за дете кое дефинитивно спаѓа во категоријата на уникатни фудбалери.
И самиот Иниеста е оставен во неверување, што го потврди и поранешниот ас на Барселона со порака дека треба да се внимава на напредокот на Јамал.
„Не е во границите на нормалното тоа што го прави. Со 16 години, важноста што ја имаше минатата сезона во Барселона, важноста што ја има во репрезентацијата… Треба да го охрабриме да продолжи така, однадвор се гледа многу обединета група во репрезентацијата која пренесува одлично чувство. Тоа се исклучителни ситуации“, вели Иниеста.
Јамал игра феноменално за време на Европското првенство во Германија.
„На крајот пресуден е талентот што го има Јамал и тоа што го прави. Неверојатно е каква разлика прави на теренот. Станува збор за ситуација која треба да се искористи. Исто така, сметам дека сè уште треба да внимаваме на неговиот напредок и да направиме постепено да напредува,“ заклучи Иниеста.
Јамал досега не се запиша меѓу стрелците, но успеа да запише три асистенции и на теренот е тип на играч кој прави разлика во корист на Шпанија, што е видливо и на прв поглед.
Шпанија дојде до полуфиналето на Европското првенство, каде што ќе се соочи со силната, но на овој шампионат неубедлива селекција на Франција. Тој натпревар се игра утревечер на „Алијанц арената“ во Минхен.