Ангеловски: „Пелистер е локален клуб, Вардар беше национален проект“ (Видео)

Ракометарите на Еурофарм Пелистер утре го играат последниот натпревар од групната фаза на Лигата на шампионите. Противник на битолчани е шампионот на Норвешка, Колштад, кој после поразот од Загреб на домашен терен ги загуби и теоретските шанси за пласман во следната фаза.

Тренерот на Еурофарм Пелистер, Бранислав Ангеловски, го најави мечот од кој очекува позитивен резултат.

– „Треба да сме среќни што сме дел до Лигата на шампионите, заедно со такви големи европски велесили. Можеме само да извлечеме поука и многу да научими, да работиме многу за да бидеме на нивото на другите екипи. Неочекувано, на крајот дојдовме во ситуација да играат двете екипи кои нема да продолжат во натпреварувањето. Колштад неочекувано загуби на домашен терен од Загреб, но ние одиме да се надигруваме со нив и да се обидеме да дојдеме до позитивен резултат. Зошто и да не победиме, ние се договоривме дека на секој натпревар одиме да победиме. Сериозни влегуваме во натпреварот, бидејќи ние ја претставуваме Битола, го претставуваме Пелистер и ја претставуваме Македонија.“ – рече Ангеловски.

Тренерот на битолчани не заборави да се осврне и на проблемите со салата кои ги имаа во минатото, но и да направи споредба со Вардар и Металург и вложувањата во екипите.

– „Со години наназад слушавме дека Пелистер и да биде прв ќе мора да оди да игра во Скопје, бидејќи немаме сала, но еве видовме дека со максимален ангажман на спонзорот и општината, се извлече максимумот и Лига на шампиони игравме во Битола. Ние имаме убедливо најмал буџет во Лигата на шампионите, па дури половина од екипите во Лигата на Европа имаат двојно поголем буџет од нас. И ние сакаме да бидеме како Вардар, но еве една споредба со Металург. Првата сезона од сите губеа со по 15 гола разлика, а потоа дојдоа на чекор од фајнл-фор. Во Вардар пред Самсоненко беше исто. Ние сме локален клуб, Вардар беше национален проект. Јас би сакал и Пелистер да биде национален клуб, но за тоа треба големи вложувања.“ – додава поранешниот македонски репрезентативец, а сега тренер на Еурофарм Пелистер.

Прес-конференцијата на Бранислав Ангеловски може да ја погледнете ТУКА.

- Оглас -

Најнови вести