Ангеловски: Во моментов на Е. Пелистер му недостасува нешто што со пари не се купува

Ракометарите на Еурофарм Пелистер ги продолжуваат настапите во Лигата на шампионите со гостувањето на жешкиот терен во Кjелце.

Натпреварот ќе се игра в четврток од 20.45 часот, а тренерот на битолчани, Бранислав Ангеловски, вели дека на неговите ракометари не им е потребна посебна мотивација кога за противник имаат вистински ракометен гигант кој е предводен од еден од најдобрите тренери на дешеницата. Пелистер по осум кола во ЛШ има осум порази, а првиот меѓусебен дуел кој се играше во Битола заврши со триумф на полскиот тим со 24:21.

„Екипата на Кjелце е составена од голем број индивидуалци кои прават огромна слика на колективна игра. Предводени се од еден од најдобрите тренери во светот, Талант Душебаев. Не треба да имаме посебна мотивација за Кjелце бидејќи во Лигата на шампионите нè мотивира секој натпревар. За нас секој противник е еднаков на европски шампион. Самиот факт дека парираме во одреден дел од натпреварот е успех за нас. Ни фали нешто што со пари не можеме да го купиме, а тоа е времето. Сигурен сум дека овие натпревари ќе донесат искуство за моите ракометари и во понатамошниот дел на сезоната ќе играме на повисоко ниво и ќе ги радуваме јавноста и верните симпатизери. На првиот натпревар во Битола се обидовме да се прилагодиме на нивната агресивна игра.
Секој натпревар е нова приказна, ќе видиме како ќе отвориме и потоа како ќе играме. Во овие европски гиганти на секоја позиција играат ракометари од светска класа. Очекувам дека Кjелце ќе игра во најсилен состав, ќе играат и Алекс Душебаев и Сичко и ќе бидат најдобриот тим. Да не заборавиме дека на голот се враќа Волф“, вели Ангеловски.

- Оглас -

Најнови вести