Во Англија ќе се доиграат само Премиер лигата и Чемпионшип, за Лига 1 и Лига 2 заврши сезоната

Челниците на Англиската фудбалска лига, ЕФЛ, ќе им соопштат на клубовите од Лига 1 и од Лига 2 дека сезоната нема да продолжи, а за методите со кои ќе се одредат екипите што ќе испаднат и ќе бидат промовирани како членови на повисок ранг на натпревари ќе се разговара во текот на идната недела.

Рик Пери, кој е прв човек на ЕФЛ, изјави дека одлуката е донесена и ќе им биде соопштена на клубовите, кои ќе можат со гласање да одредат каков ќе биде изгледот на конечните табели.

Ова значи дека во Англија, ако продолжи сезоната, ќе се игра само во Премиер лигата и во Чемпионшип лигата, двете најсилни првенства во колевката на фудбалот.

Ќар од целата ситуација ќе имаат Ковентри и Ротерам, двете екипи што директно би се пласирале во Чемпионшип лигата, бидејќи до прекинот на сезоната се на првите две места. Ќе треба да се бара модел за третата екипа што ќе оди во повисок ранг на натпревари бидејќи стандардно во Англија се игра плејоф во кој учествуваат екипите од третото до шестото место.

Од Лига 1 би испаднале Болтон, Саутенд и Транмере, клубови што се на последните три места. Во Лига 2 се оди во прилог на Кру, Свиндон и Плимут, три екипи кои би играле во Лига 1 од идната сезона, а засега сигурен патник во понизок ранг е само Стивениџ.

 

- Оглас -

Најнови вести