Премиер лигата нема замена за него – Ќе се пензионира англискиот Колина, шоумен што е попопуларен од многу фудбалери (Видео)

Познатиот англиски судија Мајк Дин најави дека ќе се пензионира по завршувањето на сезоната, а фудбалот и особено Премиер лигата ќе загубат судија што е голем шоумен и велат попопуларен од многу фудбалери што играат на Островот.

Многумина Дин го нарекуваат англискиот Пјерлуиџи Колина, а популарноста му е огромна, како еден од најдобрите судии и во Англија, но и во светот во последните две децении.

Имаше многу впечатливи моменти во кариерата што ја почна во последната декада од минатиот век.

Ги памети „Недопирливите“ на Арсенал, кои ја освоија титулата во 2003/04 без пораз, потоа и златната генерација на Манчестер јунајтед во ерата на Сер Алекс Фергусон, а во поново време и доаѓањето на богатите странски сопственици и создавањето на моќните англиски клубови од калибарот на Челзи со Роман Абрамович, Манчестер сити со катарските газди и во поново време и Њукасл, кој е купен со пари на богатите Арапи од Саудиска Арабија.

Дин ги мина сите фази во последните две децении, велат дека е вистински шоумен меѓу судиите и попопуларен од 90 отсто фудбалери што играат во Премиер лигата.

Особено му се памети моментот од 2015 година, кога изгледаше дека се радува на гол што го постигна Тотенхем на дуелот со Астон вила, а има уште многу контроверзни моменти што го направија еден од најславните судии на светот.

„Уште ме гони тој момент од 2015 година. Изгледаше дека се радувам на голот на Тотенхем и сè уште ми фаќаат сеир, иако не е така. Требаше само да се свртам настрана, а јас предолго покажував со раката кон центарот и потскокнував, па изгледаше дека се радувам на голот што го даде Дембеле“, вели Дин.

Дин имаше уште дузина слични испади, а неверојатен е моментот кога како навивач на трибините го предводеше навивањето на симпатизерите на Транмере против Форест грин.

Патот до Премиер лигата за Дин не бил лесен. Судел во пониските лиги во Англија и работел во кланица за пилиња.

„Во една смена колевме по 140 илјади пилиња. Работев во фабрика од 6 наутро до 14 часот, потоа малку одмарав и одев да судам мечеви во пониските лиги во Англија“, вели Дин.

Го фаќа на дело како пие, навива, лудува, но во Англија речиси без исклучок сите ќе жалат кога шоуменот Мајк Дин ќе си замине од фудбалската сцена во јуни.

 

- Оглас -

Најнови вести