Англија сè уште нема победа над Македонија на домашен терен

Фудбалската репрезентација на Македонија вечерва ѝ гостува на Англија во рамките на квалификациите за ЕП 2024, а натпреварите со Гордиот Албион на гости им будат убави спомени на Црвено-жолтите.

Македонија досега двапати играла против Англија на гости и нема пораз.
Првиот меч се одигра на 16 октомври 2002 година во Саутхемптон во квалификации за ЕП и заврши 2:2, а сите го паметат овој натпревар по голот на Артим Шаќири.

Шаќири во 10-тата минута постигна прекрасен гол од корнер со кој го отвори резултатот. Англичаните четири минути подоцна израмнија преку Дејвид Бекам, но Македонија повторно поведе благодарение на голот на Ванчо Трајанов во 24-тата минута. Конечниот резултат го постави Стивен Џерард во 36-тата минута.

Вториот натпревар се одигра четири години подоцна, на 6 октомври, и тоа на стадионот на кој и вечерва ќе играат Англија и Македонија, „Олд Трафорд“ во Манчестер. И овој натпревар беше во рамките на квалификации за ЕП, а заврши без голови.

Двата натпревари кои се играа во Скопје ги добија Англичаните, но ние се надеваме дека вечерва ќе продолжи традицијата и Македонија повторно ќе оствари позитивен резултат.

- Оглас -

Најнови вести