Екипата на Бароу, која се натпреварува во четвртата англиска лига, ќе има голем предизвик откако на 24 септември ќе излезе на мегдан против премиерлигашот Челзи. Тоа ќе биде дуел од третото коло на Лига купот, а, секако, лондонскиот гигант е голем фаворит за победа.
Тоа што е невообичаено за овој дуел е дека фубалерите н Бароу ќе добијат поголеми премии доколку загубат од Челзи отколку да направат чудо и да го елиминираат премиерлигашот.
Според британските медиуми, секој играч на Бароу ќе добие по 250 фунти за победа од првото до петтото коло на Лига купот. Во исто време, одлуката на клубот е дека за елиминација во третото коло од тимот од Премиер лигата, секој фудбалер ќе добие по 1.000 фунти.
Челниците на англискиот фудбал велат дека вакво нешто досега никогаш не се случило. Тие стапиле во контакт со клубот и добиле уверување дека Бароу ќе направи корекции за распределбата на бонусите. Најчесто клубовите пред почетокот на сезоната ги одредуваат бонусите што би ги дале за одредени натпреварувања.
Во ФА купот, бонус системот во тимот на Бароу е малку пологичен, па за победа во првото коло играчите добиваат по 400 фунти, за победа во второто коло бонусот е 800 евра, а за триумф во третото коло бонусот е 2.625 фунти. За порази од тимот кои доаѓаат од Премиер лигата, бонусите се 1.000 фунти.