Атлетико Мадрид славеше на гостувањето кај Осасуна со 1-2 во натпревар од 36-тото коло на Ла Лига, во меч кој немаше големо резултатско значење за гостите, но сепак понуди доста динамика.
По елиминацијата од Лигата на шампионите, тимот на Диего Симеоне се обидува да го заврши првенството што е можно подобро и да го стигне Виљареал во битката за повисока позиција.
Атлетико дојде до водство уште во 15-тата минута, кога Адемаола Лукман беше сигурен од белата точка и донесе 0-1.
Набрзо следуваше и непријатен момент за гостите, бидејќи по повреда мораше да излезе Мендоза, а на негово место влезе Робин Ле Норман.
Осасуна имаше иницијатива и создаде повеќе шанси, но реализацијата беше голем проблем. Дури 14 удари завршија надвор од рамките на голот, а најголемите промашувања ги имаше Анте Будимир, кој прво промаши од непосредна близина, а потоа и ситуација еден на еден.
Во 71-та минута, Атлетико ја искористи својата шанса кога Александар Сорлот погоди со глава по асистенција на Марcos Љоренте за 0-2.
Само осум минути подоцна, Љоренте заработи втор жолт картон и Атлетико остана со играч помалку, што ја врати Осасуна во игра.
Во финишот домаќините притиснаа. Во 85-та минута Катена се обиде со атрактивни „ножички“, но Јан Облак одлично интервенираше.
Во судиското продолжение Осасуна конечно намали на 1-2 преку Браха, по добра акција по десната страна, но за повеќе немаше време.

