Англискиот премиерлигаш Брајтон ангажирал ММА борец за да може да им помогне да ја подобрат играта во одбраната и по прекините. Менаџерот на Брајтон, Фабијан Хирцелер, вели дека не сака неговиот тим да биде сметан за „добар клуб“ па затоа ангажирале борец од мешани боречки вештини за да ја подобрат својата игра од прекини. Брајтон постигна 27% од своите голови во Премиер лигата од прекини оваа сезона, но исто така покажа голема дефанзивна ранливост.
Борецот, за кој се верува дека е Германецот Кристијан Екерлин, бил донесен претходно оваа сезона за да им помогне на играчите „подобро да ги блокираат аглите“, откри играчот од средниот ред Џек Хиншелвуд во интервју за BBC Radio 5 Live. Брајтон прими 13 гола од прекини оваа сезона, што е една третина од сите примени голови.
Брајтон попладнево гостува кај Њукасл тим кој е посебно опасен по прекините и е на четвртото место по бројот на постигнати погодоци од вакви ситуации во Премиер лигата оваа сезона.
„Го доведовме пред неколку месеци, затоа што многу зборувавме за запирање, блокирање и нови трендови во Премиер лигата. Затоа се обидовме да се прилагодиме на тоа. Не сакам секогаш да бидеме препознатливи како финиот клуб. Во одредени моменти мора да бидете доста жилави во дуелите еден на еден. Постојат различни начини да се биде отпорен, да се користи блок, различни техники за да се добијат дуели еден на еден, особено по прекините. ММА борецот секогаш има дуели еден на еден. Тој секогаш мора да најде начин да го победи противникот. Се обидуваме да добиеме идеи од други спортови и ова беше еден од нив. Ако тоа му остане во умот на играчот, тогаш тоа е секогаш позитивна работа“, вели тренерот на Брајтон, Фабијан Хирцелер.
Брајтон моментално е на шестото место на табелата и се бори да го задржи за да обезбеди излез во Лига на Европа за следната сезона.

