Првото историско европско ракометно финале за Охрид е на дофат, но шансата треба да се зграпчи со победа над словенечки Целје кој истотака има амбиции да се најде во мечот за титула во Европскиот куп на ЕХФ.
Некогашниот европски првак го доби првиот меч со минимални 27-26, тоа е резултат кој со право им дава надежи на охридските Гладијатори дека може да дојдат до посакуваното финале. Првиот меч мина со големи осцилации на двата тима, а сега големата предност на Охрид ќе биде публиката и преполните трибини во „Билјанини извори“.
Лани Алкалоид го освои ова натпреварување, сега редот е на Охрид, но прво треба да се елиминира младиот и ефикасен тим на Целје, и потоа да се добие финалето со унгарска Татабања за која игра Филип Талески. Во охридскиот тим веруваат дека ако пак го запрат противникот на помалку од 30 голови како на првиот меч, шансите за финале ќе бидат големи.

