Спортска Италија, а и светот се во тага, на 59 години почина славниот Алесандро Алекс Ѕанарди. Така заврши богата животна приказна, за жал полна со трагедии.
Ѕанарди се тркаше во Формула 1 од 1991 до 1994, потоа и во 1999 година. Во меѓувреме, освои шампионски титули во КАРТ шампионатот (Инди кар) во 1997 и 1998, па беше многу популарен и во САД.

Во 2001 година, во Германија имаше тежок инцидент по кој одвај остана жив, мораше да му бидат ампутирани двете нозе.
Ризикуваше да искрвари до смрт, но никогаш не ја изгуби свеста. Некако, успеа да стигне жив до болницата во Берлин. Следеа месеци страдање, проследени со операции, бавно закрепнување. Тој беше подложен на 16 операции и седум срцеви застои, но успеа да преживее.
Алекс не се откажа, неполни две години подоцна пак им се врати на трките, стана шампион во рачен велосипедизам, спорт во кој освои и златни и сребрени олимписки медали.

Судбината му подготви уште еден суров пресврт, во 2020 година пак успеа „за влакно“ да избегне смрт, имаше повреди на главата со кои се бореше долго.
Губејќи контрола врз рачниот велосипед и судирајќи се со камион што се приближуваше од спротивната лента. Ударот беше катастрофален, но Алекс преживеа, и покрај неговата очајна состојба. По бројни операции, тој остана во кома повеќе од еден месец, потоа беше префрлен во специјализиран центар во Леко, а по компликациите, на интензивна нега во болницата „Сан Рафаеле“ во Милано. Се освести во јануари 2021 година.
Изгледаше бесмртен поради неговите чудесни враќања во живот. Беше роден во Болоња, и почина во родниот град.

