Реал Мадрид сезонава направи три фантастични камбека во нокаут-фазата од Лигата на шампионите и сега ќе игра во финалето од елитното натпреварување на УЕФА. Кралскиот клуб трипати беше пред елиминација, но на неверојатен начин се враќаше во дуелите со ПСЖ, Челзи и Манчестер сити.
Последна пречка за Реал во обидот да стигне до 14-тата титутла во ЛШ е Ливерпул, а легендарниот француски напаѓач Тјери Анри даде своја анализа во пресрет на финалето во Париз на 28 мај. Анри смета дека Ливерпул е фаворит за титулата, но дека Реал е клуб од кого се плашат сите екипи освен Барселона.
„Лично јас мислам дека Ливерпул ќе ја освои Лигата на шампионите затоа што е посилен тим од Реал Мадрид. Ова финале ќе биде со посебна тежина затоа што во него ќе играат и фаворитите за освојување на Златната топка, Садио Мане и Карим Бензема. Карим е пред сите, но Мане со евентуалното освојување на Лигата на шампионите ќе биде сериозен кандидат за Златната топка. Сите клубови во Европа се плашат од Реал Мадрид, а Реал се плаши од Барселона. Каталонците покажаа како се игра против Реал, но тоа е кога се нема тој страв и како може да се победи“, анализираше Анри, кој во пребогатата кариера го носеше дресот на Барселона, но сепак е легенда на Арсенал.