Мегаталентот на Црвена ѕвезда прави трансфер во Арсенал

Еден од најголемите таленти на српскиот фудбал, Василије Костов, е пред трансфер во Арсенал, каде што ќе ја продолжи кариерата по заминувањето од Црвена ѕвезда.

Иако се најавуваше рекорден трансфер, договорената сума изнесува 12 милиони евра, со можност преку бонуси да порасне до околу 20 милиони. Лондонскиот клуб веќе постигнал договор со српскиот шампион, а во зделката е вклучен и процент од нареден трансфер, што дополнително ги задоволило челниците на белградскиот клуб.

Интересот за младиот офанзивец кој има македонско потекло беше огромен. Интер во еден момент беше многу блиску до негов ангажман, а и Борусија Дортмунд сериозно се вклучи во трката. Сепак, Арсенал испратил најконкретна понуда и го добил потписот на талентираниот фудбалер.

Сега се очекува само официјалната потврда на трансферот откако Костов веќе ги пакува куферите и се подготвува за преселба во Лондон.

Младиот напаѓач зад себе има одлична сезона, со 42 настапи, 14 гола и седум асистенции во дресот на Црвена ѕвезда.

Во Арсенал веруваат дека во Костов добиваат играч кој може да прави разлика на највисоко ниво и со текот на времето да стане еден од клучните носители на играта на „Емирати“.

- Оглас -

Најнови вести