Бруно Фернандеш асистира, Каземиро и Шешко погодуваат – Манчестер јунајтед победува (Видео)

Фудбалерите на Манчестер јунајтед славеа на „Олд Трафорд“ против Брентфорд со 2-1 во 34-то коло од Премиер лигата.


Стрелци за домаќините беа Каземиро во 11-тата минута и Бењамин Шешко во 43-тата, но во центарот на вниманието повторно беше капитенот Бруно Фернандеш, кој запиша 19 асистенции сезонава. Со тоа се доближи на само една од рекордот што го држат Тјери Анри и Кевин Де Бројне, кои имаат по 20 асистенции во една сезона.


Домашните имаа рани шанси преку Дијало и Мегваер, но голманот Куевин Келехер беше сигурен. Сепак, во 11-тата минута по корнер на Бруно Фернандеш, Мегваер ја врати топката со глава, а Каземиро ја смести во мрежата за 1-0.


Гостите возвратија со неколку опасни акции, но голманот Ламенс беше на висина на задачата. Во 43-та минута следеше одлична акција, Дијало украде топка, Фернандеш повлече контранапад и го проигра Шешко, кој рутински зголеми на 2-0.


Во второто полувреме, шансите продолжија на двете страни. Мегваер повторно се закани со глава, додека за Брентфорд најопасен беше Утара, кој погоди и статива.
Во финишот, гостите ја вратија драмата. Во 88-та минута Јенсен со силен удар од далечина намали на 2-1, а само две минути подоцна Микел Дамсгард имаше голема шанса за израмнување, но Ламенс одлично интервенираше.


До крајот, Јунајтед успеа да се одбрани и да ги освои трите бода, со што ја задржа третата позиција на табелата со 61 бод, додека Брентфорд остана деветти со 48, но битката за европските места останува целосно отворена.

- Оглас -

Најнови вести