Пелистер стигна до убедлива победа над актуелниот шампион МЗТ Скопје со 74-85, во натпревар одигран во Аеродром, во претпоследното коло од втората фаза во Суперлигата.
Ова беше прв триумф на битолскиот тим на гостински терен против МЗТ по шест меѓусебни пресметки, а воедно и прва победа во Скопје по 2024 година. На исходот најмногу се израдува ТФТ, кој успеа да ја задржи првата позиција на табелата на едно коло пред крајот.
Натпреварот започна подобро за домаќините, кои брзо поведоа со 13-1, а потоа имаа и 18-8. Сепак, Пелистер постепено се врати во игра и до крајот на првата четвртина ја намали разликата на 21-18.
Во вториот период гостите од Битола целосно го променија ритамот. По израмнет почеток, влегоа во одлична шутерска серија и стигнаа до двоцифрена предност од 35-46 на полувреме.
По паузата, МЗТ реагираше и со серија од 12-0 направи пресврт (49-46), но Пелистер не се распадна. Напротив, во последната четвртина гостите повторно ја презедоа контролата и ја направија клучната разлика, во еден момент водејќи и со високи 62-85, со што практично го решија победникот.
На крајот, Пелистер заслужено славеше голем триумф на теренот на шампионот.

