Анри со чудно признание: Во Барселона морав повторно да учам да играм фудбал

Легендарниот француски напаѓач Тјери Анри беше еден од најдобрите фудбалери во неговата генерација. Анри посебно блескаше додека го носеше дресот на Арсенал, со кого освои две титули во Премиер лигата, двапати ФА купот, а беше дел и од финалето во Лигата на шампиони.

По тие успеси со Арсенал, Анри реши да се пресели во Барселона, каде што продолжи да ниже трофеи. Со каталонскиот гигант двапати беше првак на Шпанија, а по еднаш се радуваше и на пехарите во Лигата на шампионите, Суперкупот на Европа, Купот на Шпанија и Светското клупско првенство. Анри признава дека кога направил трансфер во Барселона, имал многу тешкотии да се навикне на тој начин на игра.

„Во Арсенал имав целосна слобода, таму едноставно бев слободен уметник. Таму играв со фудбалери како што се Беркамп и Кану, кои ме „поттурнуваа“ кога тоа беше потребно. Не размислував да си одам од Арсенал, но на крајот тоа се случи. Откако заминав во Барселона, морав да се запознаам со нов стил на фудбал, буквално морав повторно да учам да играм фудбал. Во новата екипа, тренерот Рајкард ме натера да играм исклучиво по левата позиција. А кога дојде Пеп, тој е сјаен тренер. Многу бара, интензивен е, а работењето со него беше како да се игра шах“, открива Анри.

Французинот во дресот на Барселона одигра 121 меч, во кои постигна 49 голови, а имаше и 27 асистенции.

- Оглас -

Најнови вести