Португалскиот фудбалски гигант Бенфика ќе се обиде да го доведе менаџерот на Фулам, Марко Силва, доколку актуелниот тренер Жозе Мурињо замине за да го преземе Реал Мадрид, пренесува „Скај Спортс“.
Иднината на Силва во лондонскиот клуб е неизвесна, бидејќи неговиот договор истекува на крајот од сезоната. 48-годишниот Португалец е и меѓу целите на Челзи, заедно со Чаби Алонсо и Андони Ираола.
Марко Силва досега водел два клуба во португалското првенство, Есторил и Спортинг Лисабон. По заминувањето од Португалија, беше тренер на Олимпијакос, потоа на Хал сити, Вотфорд, Евертон, а сега го води Фулам.
Од друга страна, Мурињо демантира дека имал контакт со претседателот на Реал Мадрид, Флорентино Перес, но истакна дека по крајот на сезоната „може да преговара со кого сака“.
Бенфика ја загуби битката за титулата во Португалија од Порто, но сè уште се бори за второто место, кое носи пласман во Лигата на шампионите. Тимот моментно има 76 бодови, израмнет со Спортинг Лисабон, а до крајот на сезоната остануваат уште две кола.

